На вечерашниот митинг во Сопиште, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, се осврна на европската интеграција и агендата на СДСМ, но и го искоментира пристапот на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски.
„Оваа мисија никогаш не била лесна и едноставна. Мораше да донесеме тешки, но исправни и навремени одлуки. Тоа е одлика на вистинските политичари. Ние не сме тука за да креваме раменици и да наоѓаме виновници во сите други освен во нас. Тоа е стил на Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ“, изјави претседателот на СДСМ, Ковачевски.
Тој појасни дека нему му е совршено јасно зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ шират антиевропско расположение и бараат начин како вечно да ги заглават преговорите со Европската Унија.
„Не ја сакаат Европската Унија затоа што им одговара да нема ред, да нема правила, да нема казнивост. Така ќе може да смислат некое ново Скопје 2014 и повторно да се богатат на грбот на граѓаните, како во времето на Никола Груевски“, додаде Ковачевски.
Ова ВМРО на Мицкоски е истото старо ВМРО на Груевски, вели Ковачевски, кое сака да изолира, да ги зароби медиумите и повторно, да го задуши секој критички глас.
„Затоа, ние не се откажуваме од европскиот стандард, европските вредности, европскиот систем. Македонија заслужува да биде дел од европското семејство! Ние заслужуваме да бидеме дел од Европа! И најмногу од сите, нашите деца заслужуваат европска иднина“, им порача Ковачевски на граѓаните на вечерашниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Сопиште.