Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ставањето на картата на „голема Албанија“ во селото Сопот е задоцнета најмалку 145 години.
Тој овој коментар го даде на новинарско прашање за музејот кој викендов беше отворен во кумановското село, а во кој беше поставена мапа на „голема Албанија“ и тоа како што рече, на приватен имот и без дозвола од Општина Куманово.
Според Ковачевски таквата карта ги отсликува односите на Балканот и ја има во секоја држава во регионот.
„Сметам дека она што ние го имаме како општество воопшто не ги прави релевантни таквите мапи. После 2001 година и по влегувањето во НАТО, ние имаме други релевантни мапи, а тоа се мапите на НАТО и наскоро мапата на Европа. Сè друго е задоцнето“,изјави Ковачевски.
Во Сопот викендов лидерот на ДУИ Али Ахмети отвори музеј во кој главен експонат е знаме со карта на „Голема Албанија“ со делови на Македонија, Србија и Грција.
Иста карта е изгравирана и на мермерна плоча пред влезот на самиот објект.