Противзаконските манипулации во мрежата направени од засега непознати лица од селото Грчец, предизвикаа хаварија во дистрибутивниот систем поради што без снабдување со електрична енергија денес останаа и корисниците на дел на територија на Сарај, информира Електродистрибуција.
„По сериозниот дефект кој настана во четвртокот наутро како последица на нелегално и неконтролирано контуинирано користење на електрична енергија од жителите на Грчец, селото имаше целосен прекин на испорака на електрична енергија. Вчера, во доцните часови, дел од мештаните го вратиле снабдувањето со тоа што насилно и противправно влегле во енергетските објекти во сопственост на Електродистрибуција, а со тоа предизвикале огромна и неповратлива штета на целиот дистрибутивен систем во регионот“, се вели во информација на Електродистрибуција.
Во моментот Електродистрибуција е на терен со придружба на полиција и се обидува да го врати напојувањето што поскоро на што е можно повеќе корисници.