Инспекторите ја затворија кујната во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје по извршена вонредна контрола и по пријава дека шест студенти се пожалиле на труење со храна и биле хоспитализирани.
Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека се земени мостри за натамошни лабораториски испитување.
Агенцијата за храна информира и дека се издадени мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот. За лабораториско испитување, земени се шест мостри од храната која се послужувала и осум брисови од работните површини и опремата.
Сител јавува дека од 600 станари кои ја јаделе вчера послужената храна во Пелагонија, само шест се затруле и според директорот не станува збор ни за 1% од студентите.
Земените примероци од надлежните ќе треба да утврдат дали студентите се затруле во кујната во домот или се хранеле надвор.