„Беа на страната на послабите и обесправените, во одбрана на оние кои немаа писмо и книги на свој јазик, создавајќи им слово, преведувајќи книги од грчки на словенски.
Се бореа со мудра мисла и со моќта на ЗБОРОТ. Правично, правдоборно и со факти.
Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на Солун, Кирил ја создава првата словенска азбука – глаголицата.
Солунските браќа се бореа и против тријазичноста:
„Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“
Кирил Филозоф своевремено ги бранеше јазикот и писмото пред многу векови. Денешните наши тенденции се да ги поттикнуваме граѓаните на критичко мислење, а особено младите. Кирил Филозоф нека биде пример пред сите нив и пред сите нас за одбрана, конструктивност и правдоборност!
Кирил и Методиј создадоа азбука, преведуваа, просветуваа. Проблемот го решија трајно, но оставија АМАНЕТ.