После информации за квалитетот на млечните производи, односно, за небезбедната храна која млекарниците ја пуштаат во промет, се добива јасна слика дека корупцијата во надлежните институции, во случајов Агенција за храна и ветеринарство, е длабоко навлезена во системот, стои во соопштението на политичката партија Левица.
Од партијата велат „стоматологот Оливер Миланов, по некоја случајност директор на АХВ, е најдиректно одговорен за сѐ што се случува со квалитетот, тоест, што се произведува, увезува и продава низ супермаркетите како храна, а која ја консумираат нашите сограѓани. После скандалите со корупција и мито во другите надлежни агенции и инспекторатот под капата на МЗШВ, сега имаме и мега скандал со небезбедна храна пуштена по маркетите. Наместо навремена контрола и заштита на јавното здравје надлежните дозволиле производи со состав различен од декларираниот да стигнат до илјадници граѓани“.
„Левица уште од самиот почеток на аферите во МЗШВ јавно бара оставка од министерот Цветан Трипуновски, но после овој скандал со млечните производи оставка освен од министерот бараме и од директорот на АХВ, како и преземање на сите мерки за утврдување на негова најдиректна кривична одговорност. Јавноста има право да знае колку долго траеле овие злоупотреби, кој дозволил производи што не одговараат на декларираниот состав да се продаваат како млеко и млечни производи и дали зад целиот случај стои организирана мрежа на институционална неодговорност, корупција и политичка заштита“ велат од Левица.


