Едно од многуте неостварени ветувања на градоначалникот Муцунски е формирање на енергетски фонд до крајот на 2022 година, со цел финансиска поддршка за реконструкција на зградите во општина Аеродром со нови енергетски ефикасни фасади, поставување на лед светилки, фотоволтаични панели и други инвестиции во енергетската ефикасност, реагира општинската организација на партијата Левица во Аеродром.
„Не само што ништо од ова не е реализирано, ами гласачката машина на ДПМНЕ во општината одби да изгласа два амандмани на политичката партија Левица во насока на зголемување на енергетската ефикасност на општината.Тоа беа амандманите за замена на постоечките волфрамови сијалици, со огромна потрошувачка на елетрична енергија, на уличните светилки со фотоволтаични енергетски ефикасни светилки како и формирање на сопствено општинско јавно претпријатие за производство на електрична енергија. Муцунски и ДПМНЕ во целата своја ароганција и работење само за свој интерес, наспроти интересите на граѓаните на општина Аеродром, ги одбија предлозите на Левица за намалување на трошоците за електрична енергија на општината и зголемување на енергетската ефикасност“, се вели во партиската реакција на Левица.