Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во обраќање пред Советот на Европа во Стразбур рече дека Бугарија не ги почитува јазичните и културните права на Македонците и порача дека мора да се најде ефикасен механизам за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
„Европскиот суд за човекови права е еден од клучните елементи на Советот на Европа. Тоа е место каде што стотици илјади европски граѓани бараат правда. Мора да разговараме и мора да поставиме цврста агенда која ќе создаде ефикасен механизам што ќе ги натера земјите-членки да ги спроведат одлуките и пресудите на Европскиот суд за човекови права. Бидејќи многу често се донесуваат пресуди- одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права и земјите членки истите не ги спроведуваат“, рече Николоски.
Во овој момент има 16 пресуди или одлуки на Европскиот суд за човекови права кои не се спроведуваат во Бугарија.
„Шеснаесет не се спроведуваат, не една, не две туку шеснаесет пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права!, додаде Николоски.
Тој објасни дека пресудите се поврзани со правото на самоидентификација, со правото на собирање и здружување, со правото на учество на избори, потоа учење на мајчин јазик и со правото на заштита на националниот интерес во културата.
„Овие одлуки се носат овде во Стразбур, Софија одбива да ги спроведе и со тоа ги лишува основните човекови права на граѓаните на Бугарија кои се декларираат како Македонци. Ова е нешто што не треба да се толерира и нешто што е лош пример во 21 век. Тоа е лош пример и за Советот на Европа, бидејќи луѓето дојдоа овде, дојдоа во Стразбур, беа во Европскиот суд за човекови права, бараа правда, тие ја добија правдата, но таа не се спроведува во нивната држава“, рече Николоски кој предложи за темата ефикасен механизам за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права да се дискутира на самитот во Рејкјавик.