Северна Македонија е „делумно слободна земја“, според најновиот глобален извештај „Слободата во светот 2023“ на Фридом Хаус. Земјава оваа година има резултат од 68 од максимални 100 поени, што е подобрување за еден поен во споредба со лани.
Целосниот извештај за земјава ќе биде објавен наскоро, а минатата, 2022 година можеше да се забележи дека во неколку клучни области, како на пример во правосудниот систем, правото на избор на работно место како и правото да се учествува на слободниот пазар, се споменуваше корупцијата како најголем проблем.
Ова е највисоката оценка за земјава според рангирањето на Фридом Хаус од 2017 година, иако редовно спаѓа во „делумно слободни земји“.
Во 2017 земјава имала 57 поени, во 2018 година 58, а во 2019 година 59. Голем скок доживува во 2020 година – 63 поени, во 2021 година има 66, а во 2022 година 67. Годинава има еден поен повеќе, односно 68.
Од земјите во регионот Македонија годинава е рангирана подобро од Босна и Херцеговина (52 поени), Србија и Косово (60) и Црна Гора и Албанија (67), додека подобри од земјава се Бугарија (79), Хрватска (84), Грција (86) и Словенија (95), која е меѓу најслободните земји во светот, според рангирањето на Фридом Хаус.
Најслободни земји оваа година се Шведска, Финска и Норвешка, кои имаат максимални 100 поени, а во првите десет држави се уште и Нов Зеланд (99), Канада (98), Ирска, Сан Марино, Луксембург, Холандија и Данска (97).
На дното на листата се наоѓаат Тибет, Јужен Судан и Сирија кои имаат 1 поен од можни 100, а меѓу 10-те најнеслободни држави и територии се наоѓаат уште и Туркменистан, Источен Донбас, Северна Кореја, Еритреја, Западна Сахара, Крим и Екваторијална Гвинеја.
„Фридом хаус“ во најновиот извештај забележува дека глобалната слобода се намалува 17-та година по ред. Организацијата оценува дека руската инвазија довела до катастрофални нарушувања на човековите права во Украина, а новите преврати и други обиди за поткопување на избраните власти ги дестабилизирале Буркина Фасо, Тунис, Перу и Бразил.