Македонија заслужува јасни гаранции од Брисел и од Вашингтон – Таравари за уставните измени

Македонија заслужува јасни гаранции од Брисел и од Вашингтон дека уставните измени ќе бидат последниот услов и многу е легитимно тоа што премиерот Христијан Мицкоски бара гаранции, рече министерот за здравство Арбен Таравари во вечерашното гостување на Вин-Вин на ТВ Телма.

– Многу се јасни пораките од Фон дер Лајен, кои мислам дека порано требаше да дојдат. Друго е кога ќе дојде првиот човек на ЕК. Пораката беше јасна ние сме добредојдени да ги започнеме преговорите, но условот е тој да ги направиме измените во Уставот, многу легитимно од премиерот (Христијан Мицкоски) кој бара гаранции. Не се даваат гаранции од 2018 и 2019 година, потребни ни се посериозни гаранции – изјави Таравари.

Министерот за здравство смета дека доколку Бугарија имаше влада во моментов Макеоднија веќе ќе имаше започнати преговори с  со ЕУ заедно со Албанија.

Advertisements

– Сто проценти гаранции и да има не се сигурни, јас мислам Македонија по сите пропусти кои ги направи во минатите 30 години најпрвин со Грција, сега со Бугарија, Македонија заслужува потврда од Брисел и Вашингтон да не се бара нешто додатно, и мислам дека заслужуваме по 2018 година, да имаме 100 процентна увереност во Владата. Бидејќи релативно е стабилна Владата со добро мнозинство, доколку имавме во Бугарија една стабилна Влада како во Македонија веќе ќе беа започнати преговорите заедно со Албанија – изјави Таравари.

Тој смета дека по изборите овој викенд во Бугарија и изборите на 5 ноември во САД ќе се изнајде решение за уставните измени.

– Ајде да бидеме искрени до крај, вопшто проблемот не е дали Бугарите ќе бидат во Уставот, тоа не е проблем ние бевме за Египќаните и Хрватите да бидат во преамбулата. Тоа не е пречката, пречката е историскиот проблем помеѓу Бугарија и Македонија. И тука е целата работа која не оди како што треба и оневозможува преговорите да се случат. Јас мислам дека по изборите во Бугарија и изборите во САД, мислам дека ќе се изнајде решение кое ќе биде излез на Македонија од овој ќорсокак. Јас мислам дека од декември ќе ги започнеме уставните измени – потенцираше Таравари.

Министерот вели дека е сигурен дека премиерот Мицкоски сака да изнајде решение за проблемот.

– Најголемиот страв за мене како политичар во изборите пред 24 април и 8 мај да не ни се повтори Букурешт, да не ни се повтори 2008 година, а сега мојата интуиција, сигурен сум дека господинот Мицкоски е западноориентиран, и тој сака да изнајде решение и е доста заинтересиран Македонија да не остане во групата со БиХ и Косово – заклучува Таравари.