Партијата Македонски концепт во врска со грозоморното убиство на матичниот лекар Ацо Трпковски, кој беше пронајден убиен во својот автомобил со девет убодни рани, пред Поликлиниката во Железара, Скопје, изразува длабоко сочувство до фамилијата и пријателите на покојниот.
„Испраќаме апел до МВР и Обвинителството, да се превземат сите можни мерки за пронаоѓање на сторителот и истиот да биде најстрого казнет за делото кое го учинил. Дополнително, повикуваме да се превземат безбедносни мерки на сите приватни и државни здравствени установи за заштита на здравствените работници низ земјата, каде случаите на навреди, напади и убиства врз нив станаа редовна појава, а тие имаат примарна дејност да ги лекуваат и спасуваат животите на своите сограѓани! Ова поведение е далеку од едно цивилизирано општество, какво што сакаме да бидеме“, се вели во партиската порака до јавноста.
Македонски Концепт го реафирмира својот предлог за законски измени со кои здравствените работници ќе добијат статус на „овластени лице во областа на здравството“, слично како тие во областа на безбедноста, со што напад врз некој од нив ќе се смета за напад врз државата и најостро ќе се казнува, се вели во партиското соопштение.