Македонскиот државјанин убиен во Приштина бил од Чаир, полицијата сè уште трага по напаѓачите

Приштинскиот весник „Коха“ пишува дека полицијата информирала дека во средата вечерта во Приштина е убиен државјанин на Македонија.

Во соопштението, полицијата наведува дека засега не успеала да ги идентификува напаѓачите.

„Во 20 часот е пријавено дека осомничените, непознати лица, пукале во жртвата, државјанин на Република Северна Македонија. Надлежни полициски единици излегле на местото на настанот, а од страна на надлежниот лекар било констатирано дека лицето во автомобилот не давало знаци на живот. На околу километар од местото на инцидентот бил пронајден опожарен автомобил со германски регистарски таблички“, се наведува во полицискиот извештај.

Advertisements

Во запаленото возило биле пронајдени два калашникови со кои се претпоставува дека е извршено убиството на македонскиот државјанин.

Полицијата засега нема информации за идентитетот на сторителот или сторителите на убиството.

По наредба на државен обвинител телото на жртвата е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина.

Медиумите во Приштина објавија дека застреланиот е Блерим Дачи од скопската населба Чаир, кој наводно, и е познат на полицијата по трговија со дрога, како и дека бил обвинет за нелегално држење на оружје.