Македонскиот јазик и говорот на омраза – науката е најсилното оружје против политичката агресија

Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ и Институтот за социолошки, политички и правни истражувања при УКИМ организираа работилница на тема „Посебноста на македонскиот јазик и политичкиот говор на омраза“ од каде што академиците порачаа дека само со научен пристап македонскиот јазик може да се одбрани од политичката агресија, говорот на омраза, нецивилизираното однесување и негирањето на македонскиот јазик и идентитет од страна на нашите соседи.

Политичкиот говор на омраза, како што истакна академик Катица Ќулавкова, „може да се илустрира со актуелизирањето на македонското прашање, а со тоа и најновото оспорување на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и континуитет артикулирано на експлицитен начин во серија договори и други меѓународни акти кои добија поддршка и легитимитет од меѓународни кругови, па и од самата ЕУ, за жал.“

Професорката Ганка Цветанова порача дека Европската Унија ако навистина сака да не види обединети, на рамноправна основа во нејзиното големо семејство, тогаш тоа мора да го направи преку почитување на нашата посебност – културна и јазична.

Advertisements

Отсуството на соодветен одговор кон земјите членки кои практикуваат говор на омраза во однос на македонскиот етнички, културен, јазичен и национален идентитет може да се сфати како премолчена толеранција на политички говор на омраза, предупреди професорката Ганка Цветанова.

„Во рамките на овие политички говори на омраза се вклучени и одредени барања за историски ревизионизам, што значи дека историскиот ревизионизам е во суштина обид за манипулација со историските наративи, при што се бара искривување или игнорирање на одредени историски факти како оние за негирањето на посебноста на македонскиот јазик и неговиот историски континуитет“, вели професорката д-р Цветанова од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања при УКИМ.

Според Цветанова, важно е да се посочи дека европскиот идентитет како политички концепт, пред сè, се темели на основните европски принципи: слобода, човекови права и еднаквост и оттука може да кажеме дека политичкиот говор на омраза е антипод на европските вредности, додаде Цветанова.

Професорката Ќулавкова потсети на сите досегашни неправди и притисоци врз Македонија:

– Македонците од мигот на осамостојувањето од југословенската федерација, во 1991-ва година, надуваат на препреки и притисоци од Обединетите нации. Тоа беше случајот со Охридскиот договор и со Преспанскиот договор. Европската унија и други влијателни фактори на моќ преку блокади, условувања, преговори, спогодби, промена на знаме, промена на Устав и неговата Преамбула, промена на името на државата, потсети Ќулавкова.

Фото: Институт за социолошки и политичко-правни истражувања