„Македонското знаме беше запалено, се пукаше во центарот на Скопје, а МВР во бунило“ – СДСМ бара оставки од Тошковски и Јанев

Сакам да изразам згрозеност од обидите на ВМРО-ДПМНЕ и медиумите блиски до нив да го обвинат СДСМ за овој настан. Сакам да им порачам, да престанат да глумат опозиција тие се сега власт. Да престанат да се однесуваат како кукавици за сето она што се случува во државата, туку е крајно време да преземат одговорност и да бидат професионални за безбедноста и мирот на граѓаните, одговори Мартин Костовски, организационен секретар на СДСМ на новинарско прашање за обвинувањата на власта во врска со инцидентот во кој беше запалено македонкото знаме.

„Денеска јавноста очекуваше дека Панче Тошковски на прес-конференцијата ќе си поднесе оставка и ќе го разреши директорот на БЈБ Александар Јанев, како и началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски од функција. Но ова не се случи. Денеска Тошковски, наместо одговорност, на прес конференцијата рече дека полицијата одговорила соодветно и навремено. Ако било така Тошковски треба да одговори:

Зошто МВР немаше навремени оперативни информации за да се делува превентивно и ова да не се дозволи? Што работат АНБ и БЈБ и како се дозволи да ескалира состојбата до ова ниво? Зошто дозволија ваков понижување на Македонците и македонската држава?, праша Костовски.

Advertisements

„Понатаму, зошто не се приведени оние кои пукаа и користеа огнено оружје во центарот на Скопје? Тој не одговори на ова прашање. Македонското знаме беше запалено, а воедно се пукаше со автоматски оружја, што претставува не само кривично дело, туку и закана за безбедноста на граѓаните.

Факт е дека Тошковски и МВР беа целосно во бунило за она што се случи вчера, без воопшто да бидат фактор на стабилност во тие критични моменти. Лесно можеше да се случи да имаме жртви, а тоа можело да се превенира ако МВР имале навремени информации и постапеле превентивно“, вели Костовски.

Според СДСМ очигледно е дека МВР под водство на ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски, кој да се потсетиме, на функција е од јануари или речиси цела година, немаат контрола над бандите и криминалот во државата.

„Оваа кулминација на состојбата е резултат на хаосот кој го создаваат додека бандите и криминалците се без контрола. Да се потсетиме дека за помалку од една година имаме преку 20 вооружувани инциденти, убиства и обиди за убиства. Секојдневно се пука по улиците во Скопје и ова што вчера се случи е последен од низата настани кои потврдуваат дека Тошковски нема никаква контрола над безбедносната ситуација.

Да потсетиме дека ова е резултат, исто така, и на обидот на Христијан Мицкоски и неговите неспособни инсталации во МВР да го инструментализираат безбедносниот апарат за свои политички интереси, поставувајќи неспособни кадри на клучните позиции во безбедноста. Безбедносниот и превентивниот апарат е разрушен од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ како одговорна партија, го осудува секој обид за нарушување на меѓуетничките односи, секој обид за нарушување на безбедноста на граѓаните. Апелираме граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на провокациите“, додаде Костовски.