Малите партии ќе добијат по 8.000 евра за кампања, а големите 9 милиони евра народни пари, дали е фер, праведно и демократски? – Димитриевски бара измени на законот

Кандидатот за претседател на Македонија од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во Државната изборна комисија го потпиша Кодексот за фер и демократски избори, за парламентарните избори 2024.

По потпишувањето Димитриевски во изјавата за медиумите и јавноста рече дека сепак потпишале само форма, а не суштина. Тој додаде дека колку се демократски, колку се праведни, дали се правилни изборите и дали даваат еднакви можности за сите, покажува реалноста.

„Големите политички субјекти од народни, државни пари ќе добијат за политички маркетинг девет милиони евра, а малите политички партии по осум илјади евра, па граѓаните нека заклучат“,рече Димитриевски и посочи дека:

Advertisements

„Во полн ек е претседателската кампања, за сите претседателски кандидати и гледаме како се одвива. Голем број на канадидати за парламентот се директно вклучени, инволвирани и се говорници коишто повикуваат за поддршка на претседателските кандидати.

Тоа ДИК треба да го преиспита. Но, на крајот последниот глас ќе го имаат граѓаните на 24 април“, вели Димитриевски кој порача дека единствено граѓаните можат да го подигнат нивото на демократијата, а секако е потребно да се измени законот за да биде подеднакво за сите и да има правилни и демократски избори во Македонија.