Маричиќ: Со шпанското претседателство очекуваме поголем напредок кон ЕУ

До крајот на годината нов исчекор и динамика во преговорите со ЕУ, со одржување на втората Меѓувладина конференција и отворање на првиот Кластер, објави на фејсбук вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во пораката по повод преземањето на претседавањето со ЕУ од страна на Шпанија.

„Денеска започнува шестмесечното претседавање на Кралството Шпанија со Советот на ЕУ, време во кое имаме уште многу да направиме за поуспешна и пообединете Европа со земјите од Западен Балкан.

Пораките од шпанскиот премиер, Педро Санчез Перез, при неговата посета на Скопје и мотото „Европа, поблиску“, под кое Кралството Шпанија ќе претседава со ЕУ се потврда за нивната посветеноста на политиката на проширување и фокусот на забрзаната интеграција на Западен Балкан.

Четирите приоритети, меѓу кои е и прашањето за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, се однесуваат на реиндустријализација на ЕУ и обезбедување на нејзината стратешка автономија, на еколошката транзиција и на поголема социјална и економска правда, пишува Маричиќ.

Тој искажува благодарност на Шпанија, како наш искрен децениски поддржувач и партнер на патот кон ЕУ, со што, како што наведува, успешно го продолживме почетниот пробив во преговорите со ЕУ и го вративме ентузијазмот кај македонската администрација преку скрининг процесот.

„Сега очекуваме одржување на темпото и поголем напредок кон ЕУ, со одржување на втората Меѓувладина конференција и отворање на првиот Кластер, „Фундаментални вредности”. Проширувањето е една од најважните политики на ЕУ и Шпанија е силен поддржувач на тоа. Понудата за членство на Западен Балкан во ЕУ е на маса, заедно до крајот на годината ќе го направиме европското обединување поизвесно, вели Маричиќ во пораката на ФБ.