Марјан Стаменковски од „Доказ“ е виновен – судот му одреди затворска казна од над три години

Основниот кривичен суд Скопје го прогласи за виновен сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски и му одреди казна од три години и еден месец затвор и 5.000 евра парична казна за пет кривични дела.

Судечкиот совет на Стаменковски му изрече и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домен на портал за време од 10 години, сметано од почетокот на правосилноста на пресудата, а престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени.

Пресудата не е правосилна и Стаменковски и Обвинителството имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Advertisements
Пресудата ја изрече судијката Марија Клетничка-Марковска од Основниот кривичен суд Скопје, која рече дека Стаменковски е прогласен виновен за сите пет кривични дела за кои се гонеше. Станува збор за две кривични дела ширење расистички и ксенофобичен материјал и едно дело: уцена, пиратерија на аудивизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Казната од 5.000 евра му е одредена за делото злоупотреба на личните податоци, додека за останатите четири тој доби по една година затвор или вкупно четири години кои во единствена затворска казна судот ги пресмета на три години и еден месец.