Mинистерот за здравство Фатмир Меџити денеска повторно јавно повика Обвинителството да излезе со информации за истрагата на Онкологија.
„Уште еднаш апелирам крајно време е Обвинителството да излезе со точно име и презиме за можните виновници на Онкологија за да се отстранат сомневањата и притисокот врз лекарската фела“, рече Меџити кој денеска ја посети Клиниката за неврологија.
По изјавата на министерот веднаш реагираа од Јавното обвинитлество, апелирајќи политичарите да се воздржат од изјави околу предметот за кој се води предистражна постапка.
„Информации се споделуваат единствено во обем кој нема да наштети на постапката..Јавните обвинители работат темелно и одговорно, почитувајќи ги сите законски рокови. Јавното обвинителство апелира политичарите да се воздржат од употреба на овој чувствителен предмет во политички цели“, реагира Јавното обвинителство.
Пратеничката група на ВМРО-ДМПНЕ денеска поднесе Предлог одлука да се продолжи рокот на Анкетната комисија за уште 30 дена заради сослушување на експерти, поранешни и сегашни носители на јавни фукции, бидејќи во текот на сослушувањето се појавиле нови важни факти.
„Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија и информациите кои беа дадени од досега сослушаните лица, ја наметнува потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на комисијата во делот на повикување на носители на јавни функции, раководни лица во иниституциите и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува вклучително и периодот од април 2023 година на кој се однесува извештајот на ФЗО, изјави пратеничката Рашела Мизрахи.