Мицкоски бара гаранции за македонскиот идентитет, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за влада со СДСМ, но без ДУИ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите, по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, истакна дека 44 пратеници од партијата, заедно со раководството стојат на истиот став од пред една година – уставни измени на ваков начин и околности се неприфатливи.

Тој додаде дека Ковачевски во замена за поддршка на уставните измени понудил влез во Владата, по што би се отвориле две или три поглавја во процесот на преговори, а потоа ќе биде согласен да се оди и на избори.

Коага Мицкоски побарал европските институции да го гарантираат македонскиот идентитет, да подготват економски пакет за македонските граѓани и бизнисот како и гаранции дека Бугарија ќе ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права во врска со правата на Македонците, Ковачевски, рече Мицкоски, ваквиот предлог го одбил, затоа што се прекршувала преговарачката рамка.

Advertisements

„44 пратеници на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ стојат на ставот заедно со раководството на партијата, заедно со коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ; стојат на ставот дека уставни измени под бугарски диктат на ваков начин, под овие околности ние нема да поддржиме, многу јасно кажано на денешната средба со Ковачевски. Уште пред една година кажав дека таа преговарачка рамка со тие услови за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива, но и за огромното мнозинство македонски граѓани бидејќи под тие услови ние никогаш нема да бидеме дел од ЕУ, иако тоа го заслуживме можеби многу поодамна и многу пред други народи кои веќе се таму“, рече Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ лидерската средба ги покажала јасно позициите дека во овој момент нема двотретинско мнозинство во парламентот и дека, како што рече час поскоро треба да има релаксирање во општеството, а единствен начин за тоа се предвремени парламентарни избори, „за да можат граѓаните да добијат влада каква што заслужуваат, а не влада каква што не ги застапува нивните интереси.“

Мицкоски детално раскажа што разговарал со Ковачевски на средбата која траеше час и половина:

„Разговаравме за предлози кои што ги даде Ковачевски и би го издвоил: во рамките на Парламентот да почне дискусија и се изгласа потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана Влада во која што од 10-те ресори кои ги има СДСМ, 5 да бидат на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори. Денес добивме потврда дека преговорите со ЕУ не почнале, но ете со прифаќањето на измените потоа да бидат затворени можеби едно, две или три поглавја. На оваа понуда која што е позиција на Ковачевски, кажав во ред и реков дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен во Влада со СДСМ и останатите партии, но без учество на ДУИ, рече Мицкоски по средбата.

Тој додаде дека предложил и евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот Протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки.

„Тоа тој го протоколкува како кршење на Преговарачката рамка, јас тогаш му реков во ред имам предлог јас за тебе. Да одиме на предвремени парламентарни избори кои што ќе се одржат на, три дати дадов како предлог, на есен генерално, да се формира влада на широко национално единство во која што нема да биде дел Демократската унија за интеграција и бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против со македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш еве јас сум подготвен  да разговарам со неколку премиери на земји членки на ЕУ на следниот состанок на Европскиот Совет, да изгласаат потврда, гаранција за сето ова кое што ние го збориме па да видиме дали е навистина така како што ни велат дека е така, имајќи предвид дека сега и Бугарија има легитимна влада избрана од Националниот парламент таму. И со тој документ да дојдеме пред македонските граѓани  и да кажеме еве овој пат Европа застанува позади многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, македонски посебен јазик и дека овој пат конечно Европа има чиста и јасна цел пред себе Македонија да биде дел од европското семејство. Потоа да побараме од страна на претседателот на Европската Комисија определен економски пакет за македонските граѓани и за бизнисот да го подготвиме во процесот на преговори затоа што тој мора да биде конкурентен на европскиот пазар, да може да ги задржи луѓето тука, бидејќи знаете дека миграцијата, иселувањето е големо“, рече Мицкоски.