Премиерот Христијан Мицкоски од конференцијата на Паневропската унија, порача дека местото на Македонија е во Европа, оценувајќи дека поранешни, како што ги нарече, корумпирани политичари ја довеле државата во ситуација да се занимава со прашања од минатото наместо со иднината.
„Местото на Македонија е во Европа, а поранешни корумпирани и мекотели политичари ја доведоа државата во ситуација наместо за иднината да зборуваме за минатото“, наведе Мицкоски.
Тој истакна дека народот треба да биде мудар и трпелив и да не носи избрзани одлуки или одлуки под притисок.
„Еден народ, една нација треба да е мудра и трпелива, да не носи избрзани одлуки, ниту пак одлуки под притисок. Нема поголемо зло од корумпирани таканаречени лидери, луѓе коишто се мекото ткиво на нацијата“, наведе премиерот.
Мицкоски оцени дека токму таквите политики во минатото довеле до сегашната позиција на државата во процесот на евроинтеграции.
„Наместо да преговараме за вредности, владеење на правото и стандарди, денеска преговараме за билатерални прашања коишто не водат никаде“, наведе тој.
Во објавата, премиерот нагласи дека Македонија историски припаѓа на Европа и дека тој курс ќе продолжи и во иднина.
„Овој народ ја бранел вратата на Европа со векови, верувал во европските вредности и ќе продолжи така. Местото на овој народ и оваа држава е во Европа“, порача Мицкоски.

