Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во своето обраќање во делчевското село Разловци, каде што присуствуваше на одбележување на годишнината од Разловечкото востание рече дека по прегласувањето во изборната единици 5 очекува да се обезбеди двотретинско мнозинство од 62 пратеника во парламентот.
Според него ова е историска можност за државата.
– Фокусирајќи се на народот, имаме навистина би рекол една историска можност како никогаш досега, во овие повеќе од три децении. Се уште имаме малку да ја завршиме задачата, на 22-ми мај ќе има прегласување во изборната единица 5. Очекуваме уште еден пратеник таму и веќе на следното мое обраќање со вас со народот на Македонија да не кажувам за 61, туку да зборувам веќе за 62 пратеника, рече Мицкоски.
Тој најави дека следната цел е две третини во парламентот.
– Мислам дека и тоа многу скоро, денеска веќе, кон крајот на следната недела ќе можеме и тоа да го оствариме, со што ќе биде променет законот за организација на ресорите во самата Влада ќе добиеме нова структура на Влада, модерна Влада, влада којашто ќе одговара на потребите на граѓаните во Македонија, рече Мицкоски.
По ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе отпочне еден историски реформскиот процес кој што е досега невиден Македонија.
– Во првите 100 дена очекуваме исклучително добри вести за сите граѓани, во смисла на подобрување на стандардот, една финансиска бомба би рекол. Ние нема да се занимаваме, со политички бомби, со ниски страсти, со напади, ние планираме да работиме за подобрување на стандардот на граѓаните, тоа е нашата цел и планираме да го заслужиме нашето место во историјата, додаде Мицкоски.
Во рамки на посетата на Разловци, Мицкоски положи цвеќе пред спомен-плочата на Поп Стојан, еден од организаторите на Разловечкото востание.