Мицкоски откри какви измени бара власта за коридорите – сакаат да почнат да градат без дозвола

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став откако вчера наместо градежни активности на коридорот 8, Министерството за транспорт и врски пушти само соопштение вели дека власта не е подготвена за таков проект.

„Па нема  уште долго време да видиме градежни активности на терен затоа што вие и од владата го слушнавте тоа што ние го зборуваме цело време, а  тоа е дека не се подготвени и немаат проекти“, вели Мицкоски.

Тој во врска со договорот со Бехтел и Енка, додаде дека владата бара измени на законот за градење, односно да почнат со проектот без претходно да добијат дозвола за градење односно без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот.

Advertisements

„Тие самите кажаа дека сега е процесот на кој што сега они ќе го формираат градилиштето. А што значи тоа? Ќе бараат парцели каде што ќе ги одложат градежните машини и алати, парцели каде што ќе се изградат живеалишта претпоставувам за работниците кои што планираат да ги донесат од надвор. Потоа од она бледо соопштение од Владата слушнав дека допрва ќе биде снимањето на терен, тоа се оние геолошки и геотехнички истражни работи, како што се геологијата, како што е идентификувањето на катастарските парцели, односно дефинирање на трасата бидејќи трасата се уште не е дефинирана. Па дури потоа следи изработка на основен проект, а откако ќе биде изработен основниот проект, ревизија на истиот, па пота дури аплицирање за одобрение на градба заедно со сите оние придружни дозволи. Така би требало да биде согласно Законот за градење. Што бара владата односно кои се измените кои што тие ги бараат? Да речеме во Законот за градење бараат да го почнат проектот без дозвола за градба. Вие ако сакате да почнете градба на куќа или на било што, вие мора да извадите дозвола и да добиете одобрение за градење. Но, тие сакаат овој историски проект како што тие го нарекоа да го отпочнат без одобрение за градба, односно без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот, истакна Мицкоски.

Тој ја повика владата да го демантираат ако не е точно тоа што го зборува, укажувајќи дека досега се што изнеле во јавноста не било демантирано од страна на владата.

„Еве нека ме демантираат ако не е така. Повторно кажуваме нова работа. Кажавме за работната недела дека сакаат да ја продолжат иако е противуставно, не кажаа ништо. Зборувавме за бројот на работници, повторно не кажаа ништо. Зборувавме за експропријацијата односно дека сакат да екпропираат дивоградби по цена на легални градби, повторно не кажаа ништо. Зборувавме за пеналите ако се згреши при проектирањето да го плаќаат граѓаните, повторно не кажаа ништо. И уште многу, многу други работи. Го суспендираат македонското законодавство, го прифаќаат англосаксонскиот модел. Еве сега велам измените кои се доставени во парламентот бараат да го отпочнат овој проект без одобрение за градба, додека вие и ние сите за да почнеме нешто да градиме треба да извадиме одобрение за градба. Значи таму имаме граѓани од прв ред, граѓани од втор ред, празни места па сите ние. Ете така од прилика функционираа оваа влада на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ“, изјави тој.

На прашањето дали тоа значи дека од денеска почнуваат да течат роковите и дека со тоа државата ќе плаќа пенали, Мицкоски одговори:

„Да, денеска поминуваат 45 дена од денот на потпишување. Законот за работни односи не  е сменет, односно работната недела е 40 работни часа, не е 60 како што тоа е предвидено во договорот и од денеска стартуваат пеналите, односно еднократно ќе треба да платите 53 милиони евра на Бехтел и Енка, а потоа секој месец ќе треба да плаќате по повеќе од 2 милиони евра за секој ден, секој месец што се доцни вие граѓаните. Зошто? затоа што некој одлучил да ве краде. И затоа ја повикувам македонската јавност да застанат против ова историски злодело, а не историски проект“, додаде Мицкоски.