Палењето на возилото на Артан Груби е криминален чин кој најверојатно претставува криминална пресметка, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Битола, а одговарајќи на новинарско прашање.
„Не гледам зошто толкава возбуда кај лицето чие возило беше запалено. А, начинот на кој е направено тоа наликува на криминална пресметка бидејќи прво сопственик е лице кое има 35 години, а лицето на кое му е запалено возилото вели бил успешен бизнисмен 30 години, потоа тој некако тајно успеал да инсталира флешери со кои се добива предимство во сообраќајот, а лицето Артан Груби не бил информиран понатаму како МВР го дозволило тоа“, рече Мицкоски.
Тоа, додаде Мицкоски, се сплет на настани поврзани со криминален чин.
„И наместо да ја преземе одговорноста, тој го повикува ВМРО-ДПМНЕ, мене лично. Времето ќе покаже кој бил во право“, укажа Мицкоски.