Мицкоски: Со сплотеност заеднички да делуваме кон благосостојба, напредок и подобро општество

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати честитка по повод денешниот празник Рожденство Христово – Божиќ, во која испраќа порака за сплотеност и заедничко делување кон, како што наведува, благосостојба, напредок и подобро општество. Потребни се, оценува, надеж и заедништво како никогаш досега за да успееме да се избориме за подобра иднина.

„Од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни христијани им го честитам големиот христијански празник Рождество Христово – Божик. Овој ден на кој го славиме животот, новите почетоци и семејството нека ви донесе многу здравје, радост и среќа во вашите домови кои ќе ве следат низ целата година. Христовото раѓање не потсетува на Божјата љубов, милосрдие, меѓусебно да се разбираме и почитуваме, да бидеме хумани и да си помагаме, особено сега во овие тешки времиња со кои се соочуваме. Празнувајќи го овој празник да дадеме пример со порака за сплотеност заеднички да делуваме кон благосостојба, напредок и подобро општество. Заеднички да делуваме да се измени тешката реалност и да не живееме повеќе во неизвесност и несигурност. Потребна ни е нова и подобра реалност. Македонија во која сите заедно ја живееме сегашната реалност и ја споделуваме маката, мора да стане држава на среќни граѓани, држава на граѓани кои ќе имаат квалитетен живот и достоинство. Да си подадеме рака едни на други и со верба да работиме на нашата заедничка и подобра иднина, а поразите и неуспесите да останат позади нас. Нека Христовото раѓање ви донесе светлина и радост во вашите домови. Нека е за многу години големиот христијански празник Божик. Христос се роди! Навистина се роди!“, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.