ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи и со амандмани ќе го блокира предлог-законот за амнестија кој сега треба да биде доставен во Собранието, изјави претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
„Преземени се обврски кон криминалците коишто се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат делумна амнестија, дел да добијат целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат. Можам да ги разочарам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од каков било облик дали се тоа вакви криминалци кои што се занимаваат со изнуда, ограбувања, рекетирање, насилство или политичките криминалци коишто денеска се дел од владата“, вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и претходно најави дека неговата партија ќе го блокира предложениот закон за амнестија, кој уште минатата недела се најде на владина седница, по што беше вратен на дополнително усогласување, за конечно „зелено светло“ да добие на вчерашната седница на Владата.