Претседателот на македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека нема гаранции дека претстојната промена на Уставот ќе биде последна и дека утре ЕУ нема да бара други измени.
„Многу пати сум кажал дека Македонија и другите земји од Западен Балкан немаат ист третман како земјите кои претходно влегоа во ЕУ, на пример Словачка, Чешка, Унгарија, Кипар, Романија, Бугарија и други. Тоа е особено видливо кога станува збор за евроинтеграциите на Македонија, која иако го смени името на државата, не стана членка, не ни започна преговори“, рече Мицкоски за денешна „Политика“.
Тој додаде дека е фрустрирачки, а истовремено и лош сигнал што се испраќа до земјите од кандидатската листа за некои од следните проширувања.
„Која е гаранцијата дека оваа промена на Уставот што се бара од Македонија ќе биде последна, и дека утре нема да бараат промена на Уставот со која ќе се редефинираат прашања кои се од идентитетски карактер, или дека нема да бараат ново понижување или бришење на АСНОМ како темел на македонската државност?“, праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочува дека Македонија не бара повластен пат за преговори, туку ја бара истата, фер шанса, што се копенхашките критериуми.
„Доколку промената на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија би била членка и шампион на ЕУ, бидејќи во изминатите 30 години имаше уставни измени колку сите членки заедно. Институционалните гаранции од ЕУ се мал чекор за нив, и големо охрабрување дека европскиот пат не е подвижна цел, туку нешто што е остварливо. Не бараме точен датум кога ќе станеме членка на ЕУ, туку конкретни задачи базирани на реформата на здравство, правосудство, социјална политика, земјоделство, образование итн., рече Мицкоски.
Како што рече, од Бугарија веќе доаѓаат некои сигнали кои отворено го негираат Илинденското востание и неговиот карактер, на што македонското МНР не реагираше, премолчувајќи ги изјавите на највисоките бугарски државници дека Илинденското востание било од бугарски карактер, што остави многу прашања и сомнежи дека Бугарија може да постави други услови, особено во делот на протоколот.
„Можете да направите реформи кои се одлични, но Бугарија може да ве кочи поради историските и ретроградните наративи“, нагласи Мицкоски.