Мијалков и Тачи се виновни, добија по 2 години затвор поради нерегуларности на локални избори

Мендух Тачи и Сашо Мијалков се прогласени за виновни во судскиот предмет „Титаник 2“ кој се однесува на  изборни нерегуларности, одлучи денеска Кривичниот суд – Скопје.

Лидерот на ДПА е осуден на затворска казна во траење од две години како и поранешниот директор на УБК.

Истата затворска казна им беше изречена и на обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.

Advertisements

„Титаник 2“  е предмет поврзан со гласање во ДИК, а по приговор  на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година.

Според обвинителниот акт на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), Мијалков преку Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од Државната изборна комисија (ДИК), Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

Затворските казни денеска се изречени по повторно судење затоа што Апелацискиот суд ги укина првоизречените пресуди.

Со првостепената пресуда, претходно Мијалков доби 3 години затвор, а на 3 години и 2 месеци беше осуден Мендух Тачи.