Милков одговори на прозивката да прошета во Ваташа – „Немаат поим за нивната историја“

Македонските политичари немаат поим од од историја, тие се уште не ги отвориле архивите на тајните клужби, порача бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков во интервју за БНТ, коментирајќи изјава на претседателот Стево Пендаровски.

„Како доктор по историја можам да кажам дека ако има жртви на едната страна, спомнува 12 лица, би споменал илјадници луѓе кои биле убиени, 300.000 протерани меѓу двете војни. Сигурно слушнал за Голи Оток, каде по Втората светска војна стотици Бугари биле интернирани и загинале само затоа што имале бугарска самосвест. Немаат поим за нивната историја, бидејќи тие сѐ уште не ги отвориле архивите на нивните тајни служби, можеме да им помогнеме во тоа ако сакаат“, вели Милков.

Коментарот на Милков следува како одговор на изјавата на претседателот Стево Пендаровски, кој во понеделникот по седницата на Советот за безбедност, прашан да ги коментира изјавите на Милков дека во Македонија се враќа традицијата на палење, стрелање и насилство врз луѓе, рече дека изјавата е грозна и единствено може да биде точна ако мисли на периодот од 1941 до 1945 година.

Advertisements

„Кога техничкиот министер за надворешни работи ќе има време може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција“, рече претседателот Пендаровски.

Милков во интервјуто зборува и за работата на Заедничката историска комисија, за која оценува дека е во траен ќор-сокак, но мора да се вложат максимални напори за да се постигне напредок бидејќи тоа го предвидуваат меѓународните обврски.

Првиот човек на бугарската дипломатија во интервјуто најви дека ќе ги преземат сите мерки за случајот „Пендиков“ и дека веќе работат на тоа.

Милков вели дека кога се случил нападот врз Пендиков во Република Северна Македонија, првично настанала паника и властите на различни нивоа признале дека се работи за кривично дело од омраза. Потоа почнале, вели Милков, да се шират сценарија дека Пендиков „бил наркозависник и дилер, а најхрабрите тврдат дека бугарските клубови се места на организиран криминал и дека се финансирани од трговија со дрога“.

„Ова е наратив кој не можеме да го прифатиме и ќе ги преземеме сите мерки“, порачува Милков.

„Што се однесува до контранападот против Ангел Џамбаски и други наши политичари, мислам дека ова е дел од некој нов македонски наратив да се направи така што нападот против Бугаринот прво да се минимизира како и систематските напади врз бугарските клубови и заедници кои таму ескалираат. Тоа започна со усвојување на репресивен закон, продолжи со подметнување пожар за што е добиена условна казна, по што следеше пукање, а сега и физички напад врз лице кое е припадник на бугарската заедница. Тие се обидуваат да ни припишат споделена вина – од двете страни на границата има луди глави. Не може да има такви аналогии“, рече Милков.

Тој повтори дека веќе ги информирал министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ. Бил доставен писмен меморандум за овие прашања до сите земји-членки, а ќе имало и средба со сите европски амбасадори во Софија. Софија има намера да го користи и механизмот на ОБСЕ, а и Советот на Европа, најави Милков.