Милошоски: 8 пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ го виделе договорот со „Бехтел и Енка“, а немаат безбедносен сертификат

Антонио Милошоски, реагира дека власта и понатаму се обидува да го држи во тајност договорот со „Бехтел и Енка“ со тоа што не одговори на барањето на пратениците да имаат увид во договорот, наместо некој да им го прераскажува.

Тој вели дека 8 пратеници од ДУИ и 2 од СДСМ веќе го виделе, иако немаат сите безбедносен сертификат.

Очекуваме, вели Милошоски, власта да постапи според Законот за класифицирани информации, согласно Деловникот и да им го достави на пратениците, кој откако ќе биде разгледан на затворена седница  ќе се расправа за договорот.

Advertisements

„Уште еднаш гледаме дека парламентарното мнозинство самостојно си одржува координации и самостојно носи заклучоци како што нив им одговара, па така гледаме дека денес донеле некои заклучоци кои што ја промашуваат суштината на барањето на пратениците од опозицијата. Суштината на нашето барање е според Законот за класифицирани информации. Ние не бараме Договорот некој министер да ни го раскажува, ние бараме и имаме право Договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страни договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која што ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули кои што се штетни по буџетот на Република Македонија. Тоа е нашето барање, вели Милошоски.

Тој објасни дека им следува на пратениците да имаат увид во договореното со „Бехтел и Енка“, настрана што веќе е направен преседан.

„Самиот Договор имале можност да го видат 8 пратеници од ДУИ и 2 од СДСМ. Тоа се оние кои ги поднеле 8-те закони за измени во Собранието поврзани со автопатите на Артан и Ковачевски иако знаеме дека најмалку двајца пратеници од овие осум, немаат безбедносен сертификат. И сега, ако можел некој пратеник колега да има увид во Договорот без безбедносен сертификат и да прави предлог за законски измени на 8 клучни закони, вклучително и Законот за работни односи, тогаш можат сите пратеници да го добијат Договорот, во најмала рака сите оние кои што имаат безбедносен сертификат, да имаат време да го разгледаат и потоа Собранието на затворена седница да ги слуша забелешките, критиките, пофалбите или обвинувањата од страна на пратениците. Тоа е нашето барање. Очекуваме власта да постапи согласно Законот за класифицирани информации, согласно Деловникот и да ни го достави Договорот, кој откако ќе го разгледаме, ќе закажаме затворена седница и ќе расправаме по истиот“, го објани Милошоски барањето на пратениците.