Милошоски: „Ако има реформи и напредок и односот на ЕУ кон Македонија ќе биде поповолен“

„СДСМ со вакво однесување е прашање дали го слушнала гласот на граѓаните на многу теми. Но, добро секоја партија си прави своја проценка“, истакна Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма.

Милошоски укажа дека СДСМ со својата политика купи ден – помини и нанесе енормна штета на граѓаните и на Македонија.

„Кога имате една политика која што е купи ден – помини, вие правите сериозни отстапки и концесии, за кои што внатре домашната јавност, политичка и медиумска ќе се расправа. А, соседите тие кој што немаат добри намери ќе се ситат. А, целта нема да си ја постигнете таа што ви е стратешки зацртана“, ја појасни Милошоски политиката на СДСМ каква што беше додека тие беа на власт.

Advertisements

Тој посочи дека Македонија ако напредува во владеење на правото, тогаш односот на земјите членки на ЕУ кон Македонија ќе биде поповолен.

„Ако во Македонија има сериозни реформи и напредок особено во областа што е најкритична да кажам за земјите кандидати во рамките на ЕУ, а тоа е владеењето на правото, и ако тука покажеме добар резултат сметам дека и односот на земјите членки на ЕУ кон Македонија ќе биде поповолен“, нагласи Милошоски.

„Ние треба да си ја завршиме домашната работа и тоа што зависи од нас“, укажа тој.

Милошоски додаде дека главните теми во Владата ќе бидат повеќе инвестиции, поголем приоритет на владеење на правото и реформите во тој сектор, бидејќи се бележеше голем пад во правосудството, и третото ќе биде евроинтеграциите според Копенхагешки критериуми.