МКА 2000 ги отвора вратите за младите – студентите добиваат шанса за практична обука и вмрежување

Менаџмент консалтинг асоцијацијата (МКА) 2000 и Иновативниот Центар Иннокс потпишаа Меморандум за разбирање со кој, официјално, ја зацврстија својата соработка и означија нова фаза во соработката меѓу високото образование и консултантскиот сектор.

„Ова претставува уште еден чекор напред за Менаџмент консалтинг асоцијацијата (МКА) 2000, која со потпишување на Меморандум за разбирање, продолжува со подржување на соработката меѓу високо образовните институции и деловните консултанти. Како асоцијација на искусни менаџмент консултанти и консултантски куќи, уште од 2000 година, МКА 2000 поддржува еко-систем на искусни менаџмент консултанти, коишто разменуваат мислења, се вмрежуваат и обезбедуваат услуги за јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор “, рече Глигор Михаиловски, претседател на МКА 2000. Тој најави дека соработката ќе продолжи во насока на осовременување на практичната настава на студентите и претпримачите во Иннокс деловниот центар, каде ќе организираат обуки, дебати и заеднички ќе изработуваат стратешки документи од областа на деловното образование, иновациите и менаџментот.

Според Абиљ Бауш, извршен директор и ко-основач на Иновативниот Центар Иннокс, потпишувањето на Меморандумот е можност преку овој хаб консултантите кои работат на проекти да ја стават својата експертиза во функција на поддршка на сите кои изработуваат проекти.

Advertisements

„Потпишувањето на меморандумот е да направиме можност преку нашиот хаб луѓето кои работат на проекти да бидат во близина и да не советуваат во изработка на проекти. Во исто време, поради тоа што сме во еко-системот на Интернационалниот Балкански Универзитет, исто така на студентите кои присуствуваа на потпишувањето се дава можност, во реално време, да работат со менаџерите и практично да соработуваат. За хабот ова е една голема придобивка затоа што иницираме старт ап бизнис акцелератори, а со тоа би биле и малку повидливи“, рече Бауш.

Студентите го оценија настанот како корисна можност за директна комуникација и размена на мислења со искусни деловни консултанти.

„Дојдов по сугестија на мој професор, беше многу корисно. Се дадоа можности да работиме директно со претприемачи, да добиеме повеќе искуство, да развиеме вештини. Беше навистина многу корисно за сите присутни студенти, луѓето кои сакаат да стекнат нови можности и да започнат со некои бизнис идеи“, рече Амен Мемети, студент на втора година на студиите по е-бизнис на Интернационалниот Балкански универзитет.

Настанот овозможи вмрежување меѓу студентите и консултантите, нудејќи можност за доближување на концептот и основната идеја на менаџмент консултантството до идните професионалци и претприемачи и унапредување на практичната настава и размена на искуства.