Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ ) чиј лидер е Иван Стоилковиќ реагира во врска со најавите на Здружението за едукативен развој „Еквалис“ дека денеска ќе се одржи протест во 12 часот пред Амбасадата на Србија во Скопје, во солидарност со протестите кои се одвиваат во Србија.
Протестите во соседството беа иницирани како реакција на несреќата во Железничката станица во Нови Сад во ноември, во која загинаа 15 лица откако се урна настрешницата на станицата.
.„Молчевте за несреќите во нашата куќа, нашата држава затоа што на партијата за која работевте, СДСМ, не и требаа протести за изгорените во модуларната болница во Тетово и автобусот, а сега ќе ја оправате демократијата во Србија, се вели во реакцијата.
„Кога некој организира протест, а не знае дали протестите се граѓански или студентски, јасно е за што станува збор. Мошне тешко е да не се забележи дека несреќните настани од Нови Сад каде животот го изгубија 15 граѓани, имаат мобилизационен потенцијал и синхрона ускладеност со налозите на одредени регионални и западни центри на моќ. Оваа невидена хистеричност од соопштението со повик за солидарност е дамка за секој добронамерен човек во Македонија. Се чини дека сите оние кои во ова гледаат некаква врста на алтруизам и искрена човечка сочувствителност, политичкото резонирање не им е појаката страна на интелектуалниот капацитет, вели Стоилковиќ.
За страдањето на нашите граѓани, додава тој натаму во објавата, немаа дури ни соопштение, а камоли организирање на протест за живите запалени во модуларната болница или автобусот во кој гореа живи луѓе, а еве сега Србија ќе ја оправаат.
„Додека кај нас не се поведе никаква сериозна постапка, во Србија се уапсени петнаесетина одговорни за несреќата во Нови Сад и се подигаат обвиненија. Молчевте за несреќите во нашата куќа, нашата држава затоа што на партијата за која работевте, СДСМ, не и требаа протести. Кога веќе молчевте за запалените луѓе во сопствената држава го изгубивте правото и кредибилитетот да се мешате во политиката на нашиот најдобар сосед, по мислењето на огромното мнозинство македонски граѓани“, реагира ДПСМ.
Впрочем, продолжува Стоилковиќ, еве еден мисловен експеримент.
„Ако сето ова се одиграше на некое друго место, дали ќе ги видевме истите идентични реакции не само кај нас, туку и во регионот. Во Чешка, сега скоро, имаше грозоморни убиства, никој не реагираше на сличен начин, а истото скоро се случи и во Хрватска, само со помалку жртви, никаква реакција, да не потсетуваме кај нас на палењето на живи луѓе во модуларната болница и другите непријатни настани. За секој кој има коефициент на интелегенција поголем од собната температура, одговорот на овие прашања е толку јасен и очигледен да не треба ни да се напише, се вели во соопштението на ДПСМ, што Стоилковиќ го објавува на својот профил на Фејсбук.
Здружението „Еквалис“ најави дека го организира овој протест пред амбасадата на Србија во Скопје, „ за да испрати силна порака на поддршка и поттик за истрајност кон храбриот српски народ кој со длабока посветеност сака одлучно да го симне авторитарниот режим и да побара политичка одговорност за случајот со уривањето на настрешницата во Нови Сад во којшто беа убиени 15 луѓе, меѓу кои и еден македонски граѓанин“.