Природата на актуелната блокада и на сите потенцијални блокади, се поврзани со политика, а не со суштина. Да беа поврзани со суштина немаше да бидеме во оваа ситуација зашто сме земја пример за малцински права.
Сите сме свесни дека критиките од Бугарија за т.н. непочит на малцинските права не се базирани на факти и аргументи, туку се единствено гола политика која не им служи на двете држави, рече вечерва министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во вечерашното гостување на „Топ тема“, Муцунски напомена дека во моментов корисни за нашата држава би биле разговори и на билатерално ниво и заеднички со сојузниците од земјите-челнки од европските институции за изнаоѓање решение за излез од ситуацијата во која, како што рече, сме заедно – губиме и ние, но губи и Бугарија зашто Македонија не ги почнува преговорите.
Министерот не смета дека во овој момент трет протокол е излез од ситуацијата. Прво, нагласи, треба да има политичка и правна разрешница на позициите што македонската Влада ги има утврдено.



