Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ вечерва во емисија на Канал 5 праша дали Муцунски е закана за Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со денешната реакција на партијата за актуелните случувања во судството, односно за изборот во Академијата на судии и обвинители кој е корпус деликти за непотизам и политички влијанија.
На листата на Академијата се најдоа Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Албулена Албази сопругата на Ислам Абази, шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Симона Бубевска-Муцунска, сопругата на актуелниот градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски и други.
„Го прочитав соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Дали имаше некаква порака кон Тимчо Муцунски чија сопруга е исто така меѓу избраните кандидати. Дали е Муцунски закана за кариерата на Христијан Мицкоски или нов лидер?, рече Костовски.
ВМРО-ДПМНЕ утрово го постави прашањето каде на друго место во Европа сопругот е шеф на Јавното обвинителство, а сопругата јавен обвинител вработена во негово време?
„Нов обвинител е и ќерката на обвинителката за организиран криминал Гордана Смаќоска, Билјана Смаќоска, а нов судија Драган Јосифовски, син на обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска. Нови обвинители ќе бидат и синот на судијата Енвер Беџети, Јетмир Беџети, како и синот на судијата во Вишиот Управен суд Субхи Јакупи, Илир Јакупи. Власта на СДС и ДУИ не само што го партизираше правосудството, туку од него направи и дувло на непотизам“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
За недовербата во судството и за причините за тоа вечерва зборуваше и Ели Панова, пратеничка и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ:
„Во Република Македонија не владее правото, во Република Македонија владеат СДСМ и ДУИ. Ова треба да остане запаметено бидејќи дојдоа на власт преку паролата „нема правда, нема мир“. Меѓутоа еве за пет години видовме дека не направија ништо во врска со реформите кои што ги најавуваа во судството“, истакна Панова.
Според неа единствените реформи на власта им се тоа што судии, обвинители се избираат од фото албумот на СДСМ и ДУИ.
„Она што јас би сакала да го искоментирам во врска со овој конкретен случај е дека буквално секој има право да конкурира, да се запише, да направи одреден успех, и да се рангира на одредена листа. Меѓутоа за лица за кои што постојат сомневања и притоа ДКСК отворила предмети како што е на пример случајот со синот на Талат Џафери за кој што излезе во јавноста дека всушност тој без завршен факултет имал право да полага правосуден испит и утре треба да биде обвинител или судија е директен удар врз судството и обвинителството. Впрочем како ние утре да веруваме дека некој од овие лица ќе дели правда во Република Македонија кога се отворило ваква дилема без да биде притоа затворена за јавноста и без да биде одговорено од институциите од кои што се очекува било каков одговор“, рече Панова.
Таа посочи дека довербата кај граѓаните во судството е драстично падната, и тоа е показател дека државата не се движи во правилна насока.