Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден и денеска во координација со истражните тимови на Јавното обвинителство преземаат дејствија за обезбедување докази во истрагата во врска со трагичниот пожар во Кочани. Извршени се претреси на пет локациии во Кочани и Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија, информираат од МВР откако некои медиуми објавија дека сопругата и ќерката на сопственикот на дискотеката Пулс од вчера вечер се во полициска станица во Скопје.
Сител, повикувајќи се на полициски извори, јави дека тие биле повикани во полиција во текот на вчерашниот ден при што им биле одземени 5 мобилни телефони.
Според неофицијални информации, Сител објави дека една од двете жени се сомничи дека ја земала фалсификуваната лиценца од Министерството за економија.
Од МВР потврдуваат дека се вршат претреси и дека имаат одземено телефони но без повеќе детали.
Јавното обвинителство вели дека ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.