Синдикатот на полицијата во Македонија (СПМ) бара зголемување на платите на полицајците за најмалку 15 % . Оттаму тврдат дека основната плата на полицаецот е 16.300 денари. Орце Коцевски, претседател на Синдикатот, како што јавува Макфакс, побара покачувањето на платите за полицајците да биде од овој месец и го обвини Македонскиот полициски синдикат (МПС ) за саботирање на ова нивно барање.
„Бидејќи самонаречениот и самопрогласен за единствен, МПС, толку помпезно си молчи за ова прашање и со измислениот нивен збор „социјален дијалог“ не прават ништо за ова прашање, како Синдикат претходно јавно побаравме да го објават износот на основната плата за да дознаат нивните членови колку е основната плата на полицаец во МВР. Но, одговор не добивме до денес и веројатно нема да добиеме затоа што износот на основната плата на полицаец во моментот е ни помалку ни повеќе, туку 16.332 денари“, вели Коцевски.
Тој обвини дека Македонскиот полицики синдиката (МПС) сакал само да купи време и да ја скрие својата неспособност, па неодамна изегол со манипулативно барање пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија за наводни 20 % зголемување на платата.
„Јавноста и вработените треба да знаат дека правото на покачување на платите во МВР единствено и во согласност со законот го има министерот за внатрешни работи. Со самото тоа очигледен беше обидот на МПС со нивниот претседател за намерно саботирање на процесот за зголемување на платите бидејќи очигледно не е во полза за нив. Денес, како Синдикат, до министерот јавно испраќаме барање од јануари 2024 година платите на сите вработени во МВР да бидат зголемени за 15 %“, вели Коцевски.
Тој уверува дека МВР може да ги покачи платите на полицајците од сопствениот буџет оти во моментот има пари за повисоки плати.