Министерството за внатрешни работи вечерва извести дека полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и „убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје.
Лицето е пренесено во КПУ Затвор Скопје, велат од МВР.
Директорот на затворот Филип Андов во изјава за МИА потврди дека Палевски е во истражниот затвор и дека се очекува негов распит пред истражен судија и 30-дневен притвор во посебна ќелија, каде ќе биде под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.
Палевски е осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 и на пензионерот Панче Жежовски. Тој лани на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, во обид да избега.
Палевски повеќе од пет месеци беше во шестмесечен екстрадициски притвор во Турција.
За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.
Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството.