На денешен ден пред 80 години се роди првиот македонски весник „Нова Македонија“

Во Горно Врановци, Општина Чашка денеска ќе се одржи научен собир на тема „80 години од излегувањето на првиот број на весникот Нова Македонија“.

На собирот свои трудови ќе презентираат македонски историчари и долгогодишни новинари на теми од историјатот и содржините во нашиот новинарски печатен првенец. Покрај тоа ќе присуствуваат и македонски иселеници кои живеат и работат во Измир, Турција, а чие потекло е од Горно Врановци.

„Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, основан со решение на Президиумот на АСНОМ.

Advertisements

Првиот број е објавен на 29 октомври 1944 година во селото Горно Врановци, каде што денес се наоѓа првата печатница, претворена во музеј.

Организатори на собирот се Институтот за национална историја и Матица на иселениците од Македонија, а покровител е Општина Чашка.

Одлуката за печатење прв дневен весник е донесена во манастирот „Прохор Пчињски“, за време на Второто заседание на АСНОМ и Третото заседание на Президиумот на АСНОМ.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Ова е печатарската машина „бостонка“ на која е отпечатен првиот број на „Нова Македонија“. Над еден тон тешката печатарска машина, искалена од железо, рачно склопена, партизаните ја носеле на раце есента 1944 година, низ шумските патишта и планини до Горно Врановци.

Во мугрите на 29 октомври, партизанските „колпортери“ тргнале на терен со првите пакети на весникот.