Наместо да ги уриваме дивоградбите, да им ги дадеме на граѓаните – градоначалникот Герасимовски има уникатен предлог

Градоначалникот на општината Центар Горан Герасимовски се залага да се направат законски измени, со кои ќе им се овозможи на општините да инцираат постапки за конфискација на нелегални објекти и тие наместо да се уриваат да се искористат за потребите на граѓаните од општините каде се конфискува дивоградбата. Герасимовски смета дека ова е уште еден чекор напред во борбата за воведување ред во урбанистичкиот хаос.

„Поднесена е Иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти до моите колеги во ЗЕЛС! Иницијативата има за цел да интервенира во два закони: Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка, со конкретни одредби, чекори и заклучоци. Доколку оваа иницијатива биде прифатена, очекувам широка дебата за носење на квалитетни измени во законите и барам поддршка од сите колеги градоначалници и функционери. Зад ова решение треба да застанеме заедно и заедно да се бориме против дивоградбите“, вели градоначалникот Герасимовски.

Оваа иницијатива, додава тој, ќе отвори дебата во јавноста и многу прашања и дилеми кои внимателно треба да се следат и адресираат во изработката на евентуалните измени во законите.

Advertisements

„Наместо да трошиме пари од буџетот за уривање, предлог законските измени кои ги иницирам овозможуваат општините да иницираат постапка за конфискација на нелегално изградените објекти пред надлежните органи. По конфискација, општината ќе може да ги употреби објектите за потребите на граѓаните. Оваа измена би била огромен чекор напред во однос на превенција од идни дивоградби“, објави градоначалникот на Фејсбук.