Претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски на Фејсбук попладнево објави дека се случил инцидент во М-НАВ предизвикан од неидентификувани лица кои биле пуштени да влезат во објектот од обезбедувањето, а кои вербално, но и физички нападнале дел од контролорите бидејќи дале поддршка на протестот и на Синдикатот.
„Пред пред околу 30 минути во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање, мои колеги. Случајот е пријавен во полициска станица Петровец, запознати се и министерот транспорт и врски и министерот за внатрешни работи“, пишува Тасевски.
Возилата, вели тој, „влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија и е истечен договорот од пред извесно време, а немаме информација дали им е продолжен повторно“.
Не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект, вели Тасевски.
„Овој акт на насилство не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање, туку и за безбедноста во авијацијата кога секој еден може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени кои во тој момент извршуваат работни обврски“, вели Тасевски во објавата на Фејсбук.