НАТО ќе се вклучи во борбата против сајбер нападите во Македонија

Многу скоро во државата треба да дојде помошник-генералниот секретар на НАТО за сајбер напади и хибридни напади, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски, а во врска со сајбер нападот што беше извршен врз системите на Фондот за здравствено осигурување, а со кој, според него, домашните и експертите од партнерските земји успешно се справиле за 14 дена.

„Го договараме терминот на кој ќе разговараме за детали за соработката со централата на НАТО во Брисел, меѓутоа и со поединечните земји членки кои се понапредни во оваа област“, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски соопшти дека главниот инжинер кој работел на проблемот сега е на боледување поради исцрпеност.

Advertisements

„За 14 дена успеаја да го решат овој хибриден напад кој доаѓаше во системите на ФЗО. За вакви слични хибридни напади со сличен интензитет просекот за решавање во светот е 22 до 24 дена. Кај нас експертите го решија за 14. Главниот инженер што работеше на овој проблем поради исцрпеност, бидејќи работеше 24 часа на ден, сега е на боледување. За една од наредните државни награди ќе предложам еден од инженерите што работат на справување со сајбер нападите да биде одликуван со државна награда во име на сите инженери кои во овој период работат на спречување и на отстранување на последиците од сајбер нападите“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по неговата посета на на фабриката „Гересхајмер“.

Тој информираше дека има формирано посебно тело за справување со хибридни напади кое има поширок спектар на задачи. Телото е во надлежност на Бирото за јавна безбедност, а во кое учествуваат експерти од Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, военото разузнавање, од Министерството за внатрешни работи и кои работат секојдневно на спречување, но и на градење системи за подолгорочна заштита.