Државната комисија за спречување на корупцијата побарала, но не го добила од Владата Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“. Ова за Слободна ТВ го изјави Билјана Ивановска, претседателка на антикорупциската комисија.
Договорот како што најави премиерот Димитар Ковачевски, е испратен во Обвинителството, а деновиве ќе можат во Собранието да го видат и пратениците кои поседуваат безбедносни сертификати.
„И ние имаме сертификати за доверливост, односно за државна тајна така што нема ников проблем да ни го достават. Не можат 400 страници да бидат тајни работи и оној финансискиот дел, тој треба да биде транспарентен. Можеби има делови за кои „Бехтел“ не сака да дознаат конкурентите. Ние го побаравме целиот договор и очекуваме владата да ни го достави“, рече Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија во гостувањето во емисијата „Утрински печат“ на Слободна ТВ.
Според Ивановска, клучно во случувањата околу договорот со „Бехтел и Енка“ „ нетранспарентноста и правење на работите од наопаку“.
„Старите велат „прво рипни па кажи оп“. Ако треба да се донесат тие закони прво треба тоа да се обезбеди. Не може да се потпише договор, а после ние ќе ги донесеме законите. Кај го има тоа? Тоа е наопаку спроведување на работите. Втора работа е недоволно запознавање на јавноста и нетранспарентност. Не може договорот да не се презентира пред јавноста кога се работи за пари на граѓаните. Да го прочитаме договорот, да го видиме, да го проаназираме па ќе видиме што потоа. И во договорот може да има основи за криминално однесување понатаму“, вели Ивановска за Слободна ТВ.