Не верував дека можете да бидете толку ниски, со напади врз моите членови на семејството без никаква основа и без никаква причина, кои работат во приватниот сектор многу порано пред јас да почнам да се занимавам со политика, реагира попладнево вицепремиерот Артан Груби, откако неколку часа претходно пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков обвини дека партијата има докази како се збогатил Груби додека народот осиромашува.
Груби најави дека по овие напади тој ќе бара соочување по судски пат, поради изречените клевети.
„Денешните обвинувања и клевети на ВМРО ДПМНЕ и довчерашните на албанските експоненти и нивните познати пријатели во случаите Алфа, Монструм и Дива Населба, освен што се лаги без никакви факти и претставуваат најниско можно ниво на политика, се добро координирани и продолжение на нивната заедничка кампања за оштетување на ДУИ, претседателот, мене и високите експоненти на ДУИ, како и на реформскиот и интегративен пат преку Алијансата за Европа наспроти изолирачките сили предводени од ВМРО и помогнати од некои Албанци, за жал, кои целосно се ставија во служба на овие напори против проевропските сили“, пишува на својот профил Груби.
Тој вели дека обвинувањата што се шират како обие за кредитот и хипотеката на неговиот брат за деловниот објект на неговиот 20-годишен бизнис, се присутни во јавноста повеќе од една година.
„И никој од пропагандистите, Албанци или Македонци, не ги доставува своите „докази“ до институциите, туку клеветите ги користат за политички кампањи, рушење на угледот и дефокусирање“, смета Груби.
Вицепремиерот ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и оние Албанци, како што вели што се ставени во нивна служба, да ги пријават до надлежните институции сите докази што ги имаат.