Центарот за управување со кризи предупредува да не се поминува по мостот кај село Пчиња, бидејќи тој бил со слаба конструкција, а поради зголеменото ниво на водите во Крива Река кои ќе дојдат и до реката Пчиња, постои опасност од уривање на мостот.
Пред половина час ЦУК извести и за прекин на патините правци од Крива Паланка кон село Варовиште и Крива Паланка – с. Граден заради големиот водостој на Крива река.
ЦУК предупредува на внимателност и при движење покрај речните корита и поројни суводолници бидејќи се очекуваат локални кратки, но поројни дождови.
ЦУК презема превентивни и координативни мерки по информацијата од Управата за хидрометереолошки работи за зголемен водостој на локалните реки и на реката Вардар.
Поради зголемен водостој на реката Вардар во горниот дел од текот, на сливовите со одредени притоки, се можни излевања во Полошката Котлина, Тетовски-Гостиварскиот регион, потоа во сливот на Река Лакавица и на други критични места во горниот дел од сливот на реката Вардар.