„Не само историјата, овие ја сменија и математиката, кај да е ќе стигнеме до 200“ – ова е техничка грешка или партиски пишувач на учебници?

Професорката по математика, Фросина Митрушева на социјалните мрежи реагира на груба грешка направена во учебник по математика, што предизвика многу коментари и забелешки затоа што не е прв пат да бидат уловени грешки во наставните содржини како што неодамна имаше во учебник по историја.

„Ја сакам математиката, меѓу другото, и заради доследноста. Збирот на агли во триаголник (во Евклидова геометрија) секогаш до сега бил 180 без разлика кој бил на власт или кој ја изгубил војната. Одеднаш -190! Нешто сум пропуштила! Живот во заблуда! Ми се плаче, ми се урла!“, реагира професорката Митрушева.

Таа неколку пати досега преку колумни и изјави во медиумите имаше свои реакции за (не) квалитетот во образованието како последица на нестручни кадри вработувани преку партиска книшка.

Во една прилика професорката потенцираше дека „политиката е длабоко навлезена во сферата на образованието и воспитанието создавајќи слика кај младите дека образованието е само форма која треба да се исполни за да се постигне успех во животот, а некои други активности се суштински“.

„Така добивме хиперпродукција на квазикадри  образувани на квазифакултети, со дипломи од квазинауки кои не служат за ништо освен за партиски вработувања во државната администрација. Се разбира, за да се продаде таа лага за тоа што е образование се создаде цел систем на испревртени вредности преку создавање на несоодветни наставни програми и несоодветен наставен кадар кој со својата немотивираност ќе биде соучесник во спроведувањето на идејата за обесписменување на децата”, смета професорката по математика, Фросина Митрушева.