Катица Јанева, шефицата на поранешното Специјално јавно обвинителство, експретседателот на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски и бизнисменот Сеад Кочан остануваат во затвор, откако претседателот Стево Пендаровски ги одби нивните барања за помилување.
Решенијата се очекува да бидат потпишани деновиве.
Барањата, како што пишува Дојче Веле, изминатиов период ги поминале сите законски филтри во рамките на затворскиот систем, по што изминативе недели биле разгледувани и од страна на Комисијата за помилување на претседателот, која што е советодавно тело.
Таа листа со предлози ја доставува до претседателот, кој што го има конечниот збор. Од Кабинетот на претседателот велат дека и Комисијата дала негативно мислење за барањата за помилување.
Покрај овие три звучни имиња, намалување на затворските казни побарале и десетици други осуденици. Од Кабинетот на претседателот за ДВ велат дека над стотина барања пристигнале на адресата на Вилата на Водно.