Нема време за денгубење – Мицкоски ја фрли првата лопата на спортски центар во Штип, а најави и инвестиција од 450 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски првиот работен ден го помина на терен во Штип, каде што фрли лопата на камен темелник на спортскиот центар „Џексон“, инвестиција од 66 милиони денари, а средствата се од државниот буџет.

Тој заедно со министерот за здравство Арбен Таравари ја посети Клиничката болница во Штип, а оттаму најави дека утре ќе биде објавен проектот за Ветерниот парк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш.

-Благодарение на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, каде прво потпишан е нормално пратеникот Никола Мицевски, бидејќи овој проект е од претходниот парламентарен состав, а сега еве доаѓаме до реализација. Јас сум навистина горд што можеме еве вака со проекти веднаш да го почнеме нашиот мандат како Влада. Убеден сум дека тоа ќе ја врати надежта кај граѓаните, дека Македонија ќе ја биде и дека сите ние заедно можеме да направиме многу повеќе за нашата држава. Она кое што исто така е важно е дека Штип се гради, рече Мицкоски.

Advertisements

Премиерот Мицкоски заедно со министерот за здравство, Арбен Таравари беше и во посета на Клиничка болница-Штип. Мицкоски истакна дека изградбата на  новата зграда на Клиничка болница-Штип  од 2017 година не е помрдната.

-Тоа е заедничко ветување на нашата Влада дека оваа болница заедно со болницата во Кичево ќе имаат приоритет и двете болници фуриозно уште на самиот почеток ќе треба да почнат со градба.Од она што можев да бидам брифиран од страна на министерот е дека тендерот е подготвен, се чека мислење од Министерството за финансии. На пат кон Скопје ќе разговарам со новата министерка за финансии, Димитриеска Кочоска и овој процес да отпочне, да го објавиме тендерот и во наредните два до три месеци тој да биде завршен, и таму на есен да почнеме со градежни активности на самата болница. Така што мораме да имаме еден значаен и брз старт за да покажеме и докажеме дека сето она кое што го зборуваме ќе биде и на дело применето, вели Мицкоски.

Претседателот на Владата, Мицкоски кој првиот ден како премиер го почна од Штип, најави дека инвестицијата за Ветерниот парк која официјално ќе биде објавена утре, ќе донесе 100 милиони евра поголем приход во БДП.

Како што истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, вакви проекти ќе има уште во периодот што следува.

– Македонскиот ветер ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно во БДП. Проектот ќе го објавиме утре, заедно со инвеститорот. Ветерниот парк ќе биде изграден меѓу трите општини, Карбинци, Штип и Радовиш. Се работи за инвестицијата од 400 – 450 милиони евра. Ова е исклучително значаен проект за енергетското портфолио на државата кој значително ќе го подобри перформансот на нашиот енергетски сектор. Нема специјални закони, нема загарнтиран откуп по загарантирна цена за 20 – 30 години, туку инвеститор кој ќе инвестира 450 милиони евра, а државата ќе добие за 100 милиони евра поголем приход во БДП што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на струја што ќе ја направи енергетски балансирана земјава. Во периодот што следи ќе има уште вакви убави изненадувања, рече Мицкоски.

Премиерот, Мицкоски заедно со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска направи увид во градењето на новиот булевар „Партизанска“.