Немат никакви историски извори и факти, а сакаат да ја присвојат Моравската мисија на Св. Кирил и Методиј

Денес, во 21 век, некои европски соседни држави се обидуваат да обезбедат национален ексклузивитет на славните сесловенски просветители, наспроти вистинските вредности на наследството на светите Кирил и Методиј, вели Ели Милошеска, научен советник во Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Таа зборуваше на вечерашната црковно-научна трибина во Прилеп на тема „1160 години од Моравската мисија на солунските браќа и просветители Св. Кирил и Методиј“, во организација на прилепската црква „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Целта на моравската мисија на Светите Кирил и Методиј не била само мисионерска работа во строгата смисла на зборот, односно ширењето на христијанството меѓу паганите, туку и, а можеби пред сѐ, создавање словенска црковна организација и подготовка на сопствен свештенички кадар. Поради оваа причина, тие сѐ почесто ги нарекуваат не мисионери, туку учители на Словените, словенски апостоли и рамноапостоли.

Таа го нагласи огромното влијание на сесловенските просветители во македонската литература до 20 век.

-Македонската држава својот наратив го темели врз основа на делото на сесловенските просветители, светите Кирил и Методија со кое, всушност е извршена прва кодификација на словенскиот јазик од говорите од околината на Солун кој подоцна е распространет со преведувањето на светите книги. Секое присвојување на Моравската мисија и нивното дело од соседна држава е само политичко и без никакви историски извори и факти, смета историчарот Зоран Богески.

Advertisements