Тој потсети дека кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт минималната плата изнесуваше 8.000 денари, а сега е 18.000 денари и најави дека веќе од март ќе биде над 20.000 денари.
Ковачевски се пофали дека и пензиите се зголемени за 10 отсто, а ќе има уште едно покачување во март.
„Погледнете ја просечната плата кога во време на ВМРО-ДПМНЕ беше едвај 20.000 денари а погледнете ја денеска просечната плата, над 34.000 денари, рече Ковачевски.
Ваквите споредби, граѓаните ги прифатија со критицизам и на социјалните мрежи го потсетија премиерот Ковачевски на инфлацијата која ја стопи просечната плата и на скапотијата која и покрај мерките со кои им се овозможи субвенционирана струја на компаниите, тие не ги корегираа изгор цените.
„Во времето на ВМРО-ДПМНЕ лебот беше 18 денари, млекото 35 денари, а сега е 85 денари. Просечната плата тогаш беше 24.000 денари, а потрошувачката кошничка 22.000 денари, а сега е над 50.000 денари. Не го лажи и не го потценувај народот. Ова е фатаморгана“, вака му вратија граѓаните на премиерот на социјалните мрежи.
Организацијата на потрошувачите денеска предложи прехранбените компании да ги вратат субвенциите за струја што ги зеле од државата затоа што нема намалување на цените.
За потсетување, на едно четиричлено семејство во јануари му биле потребни 50.799 денари за минимални месечни трошоци, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија.
Според податоците за синдикалната потрошувачка најмногу пари или 19.206 денари се трошат за храна и пијалоци, а 13.313 денари за режиски трошоци. За хигиена биле потребни минимум 3.097 денари, а за превоз 3.668 денари.