Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари средба со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар во Тиват, Црна Гора каде учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
Двете соговорнички разменија мислења и информации за нашата иднина во контекст на процесот на пристапување во Европската Унија, при што претседателката Сиљановска Давкова упати искрена благодарност за силната и отворена словенечка поддршка за македонската европската интеграција и истакна дека процесот не смее да биде заложник на билатералните прашања.
Истакнувајќи дека Европската Унија врши притисок врз земјите-членки кога тоа е потребно во многу други случаи, претседателката Сиљановска Давкова порача дека во нашата ситуација неопходни се лидери и земји кои ја разбираат нашата позиција, кои ќе помогнат да се осигураме дека нашиот глас јасно ќе се слушне во наредниот период. Претседателката нагласи дека е време да се потенцираат критериумите од Копенхаген во процесот на интеграција во Европската унија и да се потврди јасната посветеност на регионот.
На средбата беше изразено задоволство од одличните пријателски односи и соработката меѓу двете земји, кои се карактеризираат со заемна поддршка и почит и беа нагласени заложби за проширување на соработката и зајакнување на меѓусебната доверба, разбирањето и партнерството.
Во контекст на соработката на меѓународен план, претседателките Сиљановска Давкова и Пирц Мусар констатираа дека двете земји се усогласени со целите за зајакнување на мултилатерализмот и промовирање на мирот и одржливиот развој, а беше истакната и долгогодишната соработка во рамките на Обединетите нации.